Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

Јасмина Мојсиева-Гушева

На човек секој ден му се заканува опасност од друг човек.“

Сенека

Истакнувајќи го фактот дека религијата1 е феномен кој го претставува колективниот дух, но притоа незаборавајќи дека таа е важна и за разбирањето на секоја индивидуа и за градењето на идентитетот, со овој труд преку примери од балканските литератури сакаме да укажеме на важноста на проблемот на верскиот2 синдром на балканскиот простор, на неговото доближување до националниот идентитет во дваесетиот век, кога доаѓа до целосно негово искривоколчување и злоупотреба.

Аспектите на идентитетот на личноста не се исцрпуваат само со генералиите туку и преку комплексот на социјалната стратификација - верската и етничката припадност. Тие се различни аспекти на множеството на идентитетот, и се карактеризираат со специфични идентичности кои стојат некаде во основата на секоја религиозна и етничка припадност. Идентичноста3 се чувствува најинтензивно кога поединецот или групата се чувствуваат загрозени независно дали се работи за надворешни или внатрешни фактори. Во тие ситуации на опасност се чувствува најголема сплотеност меѓу единките кои се здружуваат во верски и етнички заедници. Објаснувањето за настанувањето на религијата како и на нацијата4 го следи истиот тек.

Изворот на човековата религија лежи во неговата зависност од природата.5 На примитивниот човек сите појми за вера му ги влеал стравот од смртта, којшто е движечки фактор што на човештвото му ја дал верата или подобро да се рече сите вери првенствено потекнуваат од стравот од смртта.6 А стравот не претставува ништо друго туку најпопуларна и највпечатлива појава на чувство на немоќ и зависност. Поради својата немоќ пред смртта човекот бара утеха во религиската духовна конструкција.7 Затоа религијата отсекогаш имала важна улога во човековиот живот, а верата расте особено кога тој ќе се соочи со смртта и опасностите. Во застрашувачките ситуации емотивноста, врз која се потпира секоја вера, го добива својот екстремен фанатичен облик. Во својата некритичност, таа оди до груба нетрпеливост и омраза што е во спротивност со религиските основни пораки за толерантност и совесност. Во тој circulus vitiosus лежи одговорот на прашањето зошто верски војни, зошто во воено време се засилува значењето на религијата и зошто на просторите каде се апострофираат религиозните разлики редовно доаѓа до конфликт.

Практикувањето на религијата е поврзано со ограничување на слободата. Она што е опасно во религијата е одземањето на слободата човек да мисли, да критикува да се сомнева. Сето тоа и погодува на конфликтната воена атмосфера во која едностраното расудување ги подгрева страстите. Исто така, очигледна е длабоката поврзаност на верската разновидност со конфликтните ситуации, како што е јасна поврзаноста на атеизмот со напредокот.

Затоа, би можело да се рече дека западната цивилизација привидно верува во Господ, практикувајќи ги само традиционалните ритуали. Но, во суштина тие се атеисти. Според западните идеи, животот е борба (војна) и, оттука, заедно со животот е дадено и оружјето како средство за одржување на животот. Затоа на Запад, на оружјето му се дава огромно значење. Ако е животот нужен, нужни се и средствата за одржување на животот. Во таа нивна логика на непостоење на ограничувања и совладување на пречките по пат на насилство, слободата досегнува до границите на апсурдноста, се губи човечноста, емпатијата, коректниот однос кон другиот. Ова посебно не засегнува кога сме емотивно поврзани со нештата кои од искона ги сметаме за свои специфичности.

За работите за кои сме емотивно врзани најчесто мислиме во слики. Тие слики никогаш не се апстрактни, туку се конкретизираат во областа на нашата стварност и низ долгото искуство се претвораат во стереотипи и клишеа. Кога стереотипите се однесуваат на емотивната област, тогаш пристрасноста, ограниченоста и крутоста играат посебна улога. Нивното градење доаѓа од подлогата на предрасудите, како посебен вид на проценување кое се потпира врз погрешни, искривени и редуцирани претстави за некоја појава, единка или групација. Добро познато е дека припадноста на одредена групација, независно дали се работи за верска или национална заедница, ги зближува луѓето. Поради самиот факт што тие ги делат истите проблеми разбирањето меѓу нив е поголемо. Јакнењето на внатрешното единство на заедницата и потребата за себеистакнување на некој начин го објаснува и оправдува создавањето на негативната проекција за „другиот“. Овој процес, на спротивната страна, подразбира постоење на идеализирана слика за себе и за својата заедница. Поделбата „ние“ и „тие“ се сведува на остро разграничен биполарен однос на два спротиставени принципа, како две спротивности, позитивното ние и негативното тие. Своето се дефинира низ системи од митови кои го објаснуваат постанокот и ги кодифицираат знаците за идентификација. Туѓото се распознава не толку по присутноста на други знаци, туку по отсуство на своите белези, како друго, различно, несвое. Истакнувајќи ја важноста на општествените фактори во формирањето на верска свест и следејќи ја линијата на позитивните механизми за социјална интеграција која пред се го изградува односот во кој се наоѓа поединецот, во прв ред доаѓа до појава на симпатија, имитација, идентификација, емпатија и т.н. што секогаш се резервира за „нашите“ додека негативниот пол на тие механизми по правило е врзан за „другиот“ - „туѓиот“.

Кога се зборува за чувството на припадност мораме да предупредиме и на неговата многустраност. Секој припаѓа истовремено на различни општествени групи, на различни конфесии, на различни етнички групации, но исто така посебно значење има политичката, професионалната, образовната и класната припадност. Она што не загрижува е дека поделеноста лесно доведува до конфликти. Секоја од групациите има свои интереси, најчесто различни кои неприкосновено ги штити. Кога веќе постојат конфронтирани групи однесувањето на индивидуалните случаи не е важно. За да се разбере општеството како што вели Дејвид Рисман во книгата „Осамена маса“ не ни се потребни животни истории, туку историја. Тоа значи индивидуалните случаи науката може подобро да ги разбере ако започне со анализа на општеството.

Сите главни современи религиозни групи на Балканот настануваат во епохите на средниот век, што значи дека тие се традиционално насочени и ги имаат карактеристиките на она општество кога настанале. А тоа се затвореност, привлекување на луѓето кон едно јадро, постојан манифестен или латентен конфликт, надворешни притисоци преку разни социјални сили. Ликот на Ѓаволот - непријателот, во тој период се олицетворува во еретиците и неверниците, а потоа во надворешните рушители на постоечкиот поредок и ред. Таа структура е задржана во петте века на турското владеење, а потоа е заменета со нацијата. Преминот од ерата на религиското уверување во ерата на националните држави на Балканот се случува во втората половина на 19 век. Нови маркери на идентитетот тогаш стануваат националната и јазичната поврзаност. Под дејството на силните социјални процеси и надворешни влијанија големата христијанска заедница на Балканот се распаѓа во оддделни национални заедници. Религијата сега има споредна улога во формирањето на новиот национален идентификатив. Христијанските народи на Балканот како што заклучува Марија Тодорова8 во книгата „Замислувајќи го Балканот“ „започнаа да се разбираат со јазикот на национализмот, додека нивниот став кон муслиманите остана во доменот на неиздиференцираниот дискурс помеѓу верските заедници“. Тоа уште повеќе го усложнува проблемот, бидејќи тие со својата гетоизација останаа да бидат потенцијална закана за разгорување на конфликтот на Балканот. Тој конфликтен однос трае додека трае антагонистичката интеракција помеѓу групите чие тежнение е на пример да поседуваат исто нешто, да поседуваат ист простор или иста територија, да имаат иста социјална, политичка или друга позиција, да постигнат спротивни цели кои можат да ги загрозат интересите на другите. Сето тоа се среќава во балканските простори. Никој не дал подобра експликација и анализа на односот помеѓу верските заедници на Балканот од Андриќ. Тој врз основа на историски факти ги антиципирал верските конфликти на овие простори во сета нивна грозоморност. Основата на која се потпираат сите трагедии на Балканот Андриќ ја согледува во силната ендемична омраза и стравот кои постојат на овие простори. „Стравот е само корелатив на омразата, нејзино природно ехо, додека омразата е суштествена“. Андриќ предупредува и на фактот дека на Балканот има повеќе луѓе кои се готови во настапите на несвесна омраза, по разни поводи и под разни изговори, да убиваат и да бидат убиени отколку на други места. За жал, тој факт денес смислено се користи од Западот. „Ние на Балканот сме осудени да живееме врз длабоки наслојки од експлозив што се пали од време на време, токму од искрите на тие љубови на нашата пламена и свирепа сетилност. Можеби и најголемата несреќа се состои во тоа што и не претчуствуваме колкава омраза има во нашите љубови, занеси и побожности. Силната подземна и невидлива омраза со која живее нашиот човек влегува незабележливо во сите наши постапки. Затоа, за да се живее на овој мал простор ќе биде потребно многу повеќе љубов, меѓусебно разбирање и поднесување отколку во други земји, заклучува Андриќ.

Корените на балканската верска нетрпеливост и омраза се исконски и можеме да ги побараме и во митското сиже, кое во раните стадиуми е речиси трауматско-трагично како во хагиографиите за Апостол Павле9 , Еразмо Лихнидски10 , Света Варавара11 , додека подоцна тоа сиже се трансформира во херојско преку фигурите на Света Злата Мегленска12 , Свети Ѓорѓи Кратовски13 , Свети Спасе Радовишки14 , Крале Марко15 , Болен Дојчин16 , Милош Обелиќ17 , Бановиќ Страхиња18 , Марко Боцарис19 , Јанис Букувалас20 и многу други.

Но, митот за полудивиот балкански човек кој го среќаваме во извештаите на западните патеписци и интелектуалци од минатите векови, полека се менува. Севкупниот општествен и економски живот во втората деценија на дваесетиот век ја наметнува поттребата за соработка и толеранција, која ги надминува рамките на таквите групи како што се религии, нации и различни држави. Политичките и културните фактори се повеќе дејствуваат интегративно, а луѓето, и кога припаѓаат на различни религии и нации, стануваат свесни за својата сличност. Тоа трае се до деведесетите години кога започнува распаѓањето на југословенската заедница, заедно со распаѓањето на Советскиот Сојуз. Сега веќе се губи светскиот баланс и балканската митска територија, која е колевка на европската историја, и крстопат на истокот и западот, повторно се наоѓа во средиштето на интересот.

Токму затоа, од почетокот на дваесетиот век појмот балканизација, и покрај сите политички, општествени, културни и идеолошки промени, како што тврди Марија Тодорова21 повторно добива погрдно значење. Повод за тоа е пренесеното мислење од минатото, а причина судирот на различните интереси на велесилите, кои повторно го иницираат проблемот,22 за да ги остварат своите цели, користејќи се со добро разработена стратегија која се базира врз разгорување на верската и националната нетрпеливост.

Стереотипите, како крајно поедноставени претстави за себе (автостереотипи) и другите (хетеростереотипи) добиваат посебен простор во времето на големите политички, идеолошки, верски и други конфликти, претворајќи се во опасно пропагандно оружје со долготрајно дејство, чие отровно влијание тешко се неутрализира. Во екстремните ситуации во комплексот „тие“ вклучени се сите пежоративни карактеристики на личноста. Традиционалната слика на другиот, во таков контекст, со додавањето на негативни тонови брзо прераснува во национална слика на непријателот.

Духовното проникнување во светот на другите станува инструмент за колективно делување кое, понекогаш, може да доведе до меѓусебно недоразбирање со несогледливо тешки последици. До аномалиите на искривените претстави за другите доаѓаме поради нашиот параноиден став. Тој ја активира проекцијата - широко применуваниот одбрамбен психолошки механизам. Таа опасна општествена појава ги тера масите да почнуваат да веруваат дека другите се навистина непријателски расположени.

Токму тое е и главната теза на романот „Бабаџан“, во кој преку одредени слики се прикажува започнатиот параноиден циклус помеѓу двете вери муслиманската и христијанската. Нивното меѓусебно недоразбирање е резултат на взаемната проекција на непријателски ставови, искривоколчување на вистината, сомничавост, некоректно величање на сопственото значење. Друга карактеристика на овој роман е силното афективно назначување на секоја мисла, дејство, и во таа смисла на секоја духовна рамка на луѓето кои живеат едни крај други, но не се познаваат. Тие остануваат заробени од традицијата и наследните шаблони на мислење кои се одликуваат со затвореност. Наместо да преовладува духот на разбирање и толерантност, се инсистира на единствена слика на светот. Таа претставува илузија за создавање на статичко општество и секогаш е причина за потенцијални опасности и судири.

Спротиставеноста и расправиите кои се јавуваат кај Бабаџановите потомци, кои се со две различни вери, не призлегува од различните начини на живеење, туку и од различните позиции на моќ која ја имаат протагонистите. Таа моќ е произлезена од општествената положба на верата. Од содржината на романот гледаме колку е сето тоа релативно бидејќи подлежи на животните општествени ситуации кои постојано се заменуваат во позициите на доминантност и инфериорност. Оттука произлегува и ирелевантноста за различноста на верите. Во тој процес исчезнува илузијата за доминантноста. Чинго остава порака за ирелевантноста на верските разлики и можност поинаку да се толкува светот подложен на немири и неминовни промени. Спротиставеноста помеѓу потурчените и рисјаните, во крајна инстанца, се толкува како спротиставување на догмата општествена припадност (верска разновидност) и она што е иманентно на човековата природа (неговата човечност). Затоа Чинго ќе заклучи дека верата е отров, најголемата вера е во човекот.

Со овој роман Чинго, преку уметничка транспозиција, укажува на историската содржина, на различните искушенија кои се спуштаат над светот, особено над овие простори кои се мостот помеѓу Истокот и Западот. Затоа кај нас од искона постои судир, најпрвин помеѓу паганството и христијанството, а потоа помеѓу христијанството и исламот, помеѓу западниот рационализам и активизам и источната пасивност и фатализам. Ова е тлото каде што завршува Западот и почнува Истокот. Нема сомнение дека со векови во многу тешки услови, бурно и со далекусежни последици, на ова тло се судираат два света, помеѓу кои различно, со милост или со сила сме се определувале, често делејќи се одвнатре, во рамките на народот, областите, регионите па дури и во одделни семејства. Од овде потекнуваат Његошевиот „Горски венец“, „Преселбите“ на Црњански, Андриќевите историски раскази, романите со егејска тематика во македонската литература. Нашата основна судбинска определба е дека мораме да живеме распнати помеѓу разни непомирливи сили.

Разните поделби верски или национални се темелат на реални разлики. До неодамна се мислеше дека сите луѓе помалку или повеќе се исти, со исти навики, исти потреби исти однесувања. Но сепак, очевидно е дека начинот на однесувањето на луѓето многу се разликува од една до друга земја. Она што може да се случи во една земја, никогаш не би можело да се случи во друга земја. Малтретирање и обесправување на луѓето не би можело да се случат во Македонија, барем не од Македонците. Напротив, Македонците страдаат од синдромот на величање и обожување на се што е туѓо и различно од нив. Тие страдаат од недостаток на самопочит и ценење на сопствените вредности. Таа слабост секогаш е користена од туѓинците за наметнување на нивните влијанија, за спроведување на нивните интереси на сметка на сопствените. Уште една карактеристика на овој народ е искрената срдечност и гостопримство, карактеристична за многу други нации (индијанците, источните цивилизации), кои токму поради таа своја особеност се искористувани и понижувани. Губејќи го своето достоинство македонците сега стојат зачудени пред лицемерјето на англосаксонците23 .

Тешко е да се одредат сите карактеристики на определена групација, исто како што е тешко да се одгатнат причините за појавата на тие карактеристики. Сепак националните и верски карактеристики можат да ни кажат нешто за начинот на живот на определена нација. Во случајот со Македонците тоа е нивната вековна репресија која ги прави чувствителни за репресијата на другите. Токму заради тоа нивниот став кон другите не може да биде негаторски. На ова ќе го додадеме и психоаналитичкото толкување дека типологијата на туѓиот или на другиот може да се отвори и во другата насока, како што забележува Николај Аретов. На самиот почеток24 , по падот на првобитниот демонски круг, кон другиот можат се додаваат „фигури на високо ценет (идеален друг), на Престижниот (реномираниот друг), кој предлага некој образец за следење, од кого се очекува помош. Другиот не е задолжително варијанта или трансформација на негативни елементи25 од основната позиција. Може дури да се разгледува како појава на Мудриот старец или како проекција на фигура од небесниот свет“26 . Многу распространето е користењето на сижето на вљубување во туѓинец, во лице со друга вера или од друга нација. На пример вљубувањето на жената од одредена општествена заедница во маж со други верски и национални карактеристики, која во балкански услови секогаш е осудувана како што е љубовта на младата еврејка Рифка во хрватскиот благородник Леденик од расказот Љубовта во паланкатана Андриќ27 . Понекогаш во него може да се бара некаква проекција на Татко, која во балканските литератури, на пример кај Крлежа, има непријателска конотација. Сите синови во делата на Крлежа (Леоне од „Господа Глембаеви, Филип од „Враќањето на Филип Латиновиќ“) го напуштаат домот поттикнати од морални принципи, и минуваат извесно време во некоја странска земја. Кога се враќаат во татковиот дом сите тие се обземени со надеж за нов подобар живот што според Шпехар28 , потсетува на евангелистичката приказна за изгубениот син и неговото враќање во татковиот дом. Но, набргу сфаќаат дека среќата за нив е неможна, поради нивната судбинска предодреденост да страдаат заради лошата крв што ја носат во себе. Сите литературни синови на Крлежа имаат лоша слика за себеси и страдаат од криза на идентитетот. Тоа е една од причините зошто тие не ја доживуваат судбината на изгубениот син од Евангелието29 . За нив другите (домашните) се луѓе со изгубено чувство за морал и праведност, кои се оддалечуваат од христијанската слика на Богот. Крлежа гради слика за суровиот Бог која произлегува од искуството на злото и страдањата во светот. Отфрлањето на Богот, по Ничеовата одредница дека тој е мртов, во дваесетиот век се практикува и на Балканот кадешто вистински верници има многу малку, наспрема неверниците кои го користат параванот на религијата само за да ги оправдаат своите егоистички постапки.

Затоа, нам, кои живееме на Балканот, не ни преостанува ништо друго освен во миговите на нашата загрозеност да ја сфатиме универзалната порака на религијата, која според Паулсен30 се состои во смиреност и надеж, што ни дава моќ на духовен продор подалеку од фантазмите за доминација. Негувајќи ги во себе самите трпеливоста за другите сфаќања, ние ќе го стекнеме вистинското разбирање за својата сопствена вера. Се разбира дека трпеливоста подразбира да се постават и почитуваат јасните граници помеѓу доброто и злото, помеѓу она што е точно и она што е лажно. Впрочем, сите религиозни сфаќања во светот се сложуваат во две работи, пропагираат трпеливост и во своите свети книги ги содржат истите основи за моралот.

Бележки

1 Поимот религија е изведен од латинскиот глагол religare што значи поврзува, сврзува. Таа е духовна вска меѓу Богот и човекот. Основен белег на секоја религија е верата во Бога. Видлив израз на секоја религија се: догмата, култот и моралот. Види во Македонска терминологија од областа на теологијата, МАНУ, Скопје, 1999, стр. 85.

2 Употребата на зборот вера во Стариот Завет секогаш ја користи познатата идеја за надежта која се користи за потврдување на својата потчинетост кон господа. Во Новиот Завет зборот вера всушност се однесува на христовата религија. Види во New Concise Bible Dictionary, editor D. Williams, Universities and Colleges Christian Fellowship, 1989, p. 93.

3 Идентичноста претставува една сложена структура која има своја хиерархија која директно зависи од влијанијата на кои е подлежна единката. Така, идентитетите на потиснатите малцинства се склони да се солидаризираат со слични идентичности, доколку ги прифаќаат како рамноправни, исто определени типови верски идентитети се примаат како сродни, додека други кои се перцепирани како различни колективно се отфрлаат.

4 Самиот збор нација потекнува од латинскиот збор nasci што значи да бидеш роден. Во средниот век првите нации биле група студенти на раните средновековни факултети кои потекнувале од иста област. Во Филозофскиот речник на Филиповиќ, Матица хрватска, Загреб, 1965, стр. 271 нацијата се дефинира како специфична народна заедница изникната врз основа на заедничкиот јазик и територија.

5 Тоа што човекот ќе остане секогаш зависен од природата и што нема моќ над својата смрт која е извор на неговиот страв го натерало да го создаде Господ. Господ не е ништо друго, туку самиот човек, а бидејќи луѓето се различни, има и различни богови и вери.

6 Ова објаснување за постанокот на религијата го поткрепуваме со искуствата на примитивните народи кои за предмет на религијата ги земаат оние природни појави или дејства кои влеваат страв, (река, море, молскавица и др).

7 Според Фројд религијата е интелектуална конструкција.

8 Тодорова, Марија, Замислувајќи го Балканот, Магор, Скопје, 2001 год., стр. 261.

9 Поп-Атанасов, Ѓорѓи, Библијата за македонија и македонците, Менора, Скопје, 1995, стр. 129.

10 Стојчевска-Антиќ, Вера, Историја на македонската средновековна книжевност, Детска радост, Скопје, 1997, стр. 242.

11 Види кај Китевски Марко, Македонски народни празници и обичаи, Менора, Скоје, 1996, стр.196.

12 Ибид, стр. 174.

13 Ибид, стр. 64.

14 Ибид, стр. 163.

15 Шапкарев, Кузман, Избрани дела, кн.2, Мисла, Скопје, 1976, стр. 68.

16 Зборник на Браќа Миладиновци, Кочо Рацин, Скопје, 1962, стр. 219.

17 Ѓуриќ, Војислав, Антологија народних јуначких песама, Српска књижевна задруга, Београд, 1983, стр. 280.

18 Ибид, стр. 235.

19 Поповиќ, Јован, Стерија, Даворје, Београд, 1893, стр. 35-34.

20 Види кај Стојановиќ, Миодраг, Хајдуци и клефти у народном песнитву, САНУ, Београд, 1984, стр. 249.

21 Ибид, стр. 51.

22 И постои и нешто друго. За да го свртат вниманието од своите фрустрации и неуспеси тие прогласуваат поединци или цели групи за виновни насочувајќи го својот притисок кон нив. Примери за вакво однесување има безброј. ќе го споменеме најдрастичниот: Хитлер за сите неволји на Вајмарската Германска Република ги окривува евреите и комунистите и ги подложува на зверско прогонување и уништување. Црнците стануваат жртви за фрустрираните групи на белите американци во времињата на економски и социјални потреси. Политичарите од сите времиња и народи, отсекогаш го свртувале вниманието на масите од лошите внатрешни проблеми на земјата така што наоѓале жртви во другите народи и нации поради што се предизвикани многу војни во бескрајната историја на војувањето.

23 Види го есејот на Ornell, George, Lav i jednorog: Socijalizam i engleski duh, vo Zasto pisem I drugi eseji, August Cesarec, Zagreb, стр. 160- 233.

24 Во литературата постојат информации дека при смената на митолошките системи и структури старите богови се претвораат во демони. Тоа постои на политички план кога претходните политичари се демонизираат - тие се виновниците и лошите.

25 Кога се разгледува типологијата на „другиот“ и разновидноста на фигурите кои го персонифицираат, треба да се има на ум или да се води сметка за психолошкиоте теории според кои ликот на другиот претставува проекција на свои црти и особености кои се пренесуваат на другите, за да може Егото (Јаста) да се ослободи од нив. Затоа тие што го доживуваат другиот како негативец, самите се негативни, како загрозувач, самите се агресори. Свесни за ова, ќе заклучиме дека оние кои ги разгледуваат конфликтите на Балканот во „светската рационална“ варијанта оставаат една општа слика за себе.

26 Аретов Николай, Балкански идентичности в бьлгарската култура от модерната епоха (19-20 век), во Балкански идентичности, Институт за изследване на интеграцияата, Софияа, 2001 год, стр. 25.

27 Андриќ, Иво, Јелена жене које нема, Светлост - Сарајево, Просвета - Београд, 1989, стр. 173.

28 Špehar, Milan, Problem Boga u djelima Krleže, Krščanska sadašnjost, Zagreb, 1987, str. 27.

29 Види во Новиот Завет, Библиско здружение на Република Македонија, Скопје, стр. 90.

30 Германскиот филозоф Паулсен ја сфаќа религијата како внатрешно тежнение кое се состои во смиреност и надеж, Кант ја поврзува религијата со чувство на морална должност, Шлаермахер со чувство на зависност, францускиот историчар Ренк со чувство на совест, а Расел ја дефинира како страв од непознатото.