Тоталитарните идентитети: Со посебен осврт кон феноменот „Голи Оток“

Тоталитарните идентитети: Со посебен осврт кон феноменот „Голи Оток“

Јасмина Мојсиева-Гушева (Скопие)

Идентитетот претставува состојба кога свеста останува во себе иста како единствена целина во различни психички услови или ситуации[1], или симплифицирано кажано тоа е доследност на себеси. Сите тоталитарни водачи ја нагласуваат својата логичка доследност, која понекогаш се граничи со автоматизам на заклучување по принципот на немилосрдна елиминација. Во нивните раце се се спроведува доследно, под притисок и страв што ги тера луѓето да се лишат од својата индивидуалност. Во таква параноидна состојба на дезориентираност тие се потчинуваат на волјата на тоталитарните идентитети кои од своја страна се безмилосни во својата деструктивност.

Размислувајќи за тоталитарните идентитети и човечката природа воопшто, Хана Арент[2] со иронија ќе забележи „веќе научивме дека човековата сила е толку голема што тој навистина може да биде она што ќе посака“. Ако луѓето решат да се сведат себеси и другите на ниво на ѕверови, природата нема да ги спречи во тоа. Доказ за ова е егзистенцијата на бројни логори, концентрациони кампови и затвори каде тоталитарните идентитети ги спроведуваат и остваруваат своите замисли за екстремни злочини.

 

Голи Оток беше една таква екстремност на едно вештачки создадено лудило, кое може да се оствари само во тоталитарна диктатура. За него се молчеше се до падот на режимот на Југославија. Дури по 1988 година отворено се говори за таа тема, по објавувањето на двете книги на поранешните затвореници М. Симиќ „На Голи Оток“ и посмртно објавената исповед на Мирослав Поповиќ „Удри ја бандата“. Заслугата за тоа говорење ја има и телевизиската серија на Данило Киш посветена на жените од Голи Оток, снимена во 1989 година. „И претходно се пишуваше и се говореше за Голи Оток“, но како што нагласува Жени Лебл[3], една од соговорничките на Киш, „дискретно и од луѓе што само слушнале за тоа“. Во литературата сознанијата за постоењето на „крвавата голгота“ многу порано беа користени како попатни мотиви без конкретно именување, како на пример во романот на Драгослав Михајловиќ „Кога цветаа тиквите“[4] (1968). За разлика од тоа, кај Слободан Селениќ во „Мемоарите на Перо Сакатиот“[5] (1968) слично како во прозата на Чинго и П. М. Андреевски, само се доловува тоталитарната атмосфера и се исмеваат дегутантните однесувања на протагонистите на она што Хана Арент[6] го нарекува радикално зло. А тоа нема никаква врска со Кантовото толкување за човековите разбирливи грешни мотиви, туку се работи за еден нов феномен, применуван од тоталитарните режими, од човечкото суштество да се направи непотребен вишок. Многу подоцна, по смртта на Тито, во десеттото кажување од романот на Антоние Исаковиќ „Миг 2“[7] (1982) подиректно се говори за проблемот. И во тоа време, оние што биле таму упорно одбиваат да зборуваат чувствувајќи го се уште стравот од пресиите на режимот. Во Македонија со објавувањето на сеќавањата на некогашните заточеници собрани во зборниците „Една голооточка голгота“[8] (1991) од Стојан Ристески, и „Голооточки сведоштва“[9] (1999) од Димче Најчески, романот „Куќа на четири ветра“[10] (1991) од Томе Арсовски, поемата „Камен остров“[11] (1994) од Никола Кљусев, романите на Александар Алексиев „Деветте круга на пеколот“[12] (2000), на Викторија Гаго „Сатурн се враќа“[13] (2001) и продолжението од романот на Алексиев „Чардак ни на небо ни на земја“[14] (2003) се отвора забранетата тема со конкретно посочување на личности и настани. Молкот е прекинат заедно со падот на тоталитарниот систем.

Тоа не е ни чудно, бидејќи силата на тој систем е во спуштањето на железните завеси на молкот што го потврдуваат сите актери од голооточанската голгота околу кои се создава страшна тишина, без посети, писма, пакети, во комплетно затворен имагинарен свет. Без можност да се поставуваат прашања за вината, за судбината, без обид да се мисли на иднината. Единствените случувања се ширењето на гласините на кои никој не им се спротивставува, бидејќи на еден деформиран начин, несреќата може да го погоди секого. Никој не е имун на беспричинското затворање. Во оваа болна црна точка на тоталитарниот режим се е потпрено врз морбидната и лажлива фиктивност. Постапките на официјалната власт се под превезот на тајноста. Во очите на народот тие се здобиваат со репутација на надмоќност, затоа што ги покриваат реалните околности и скандалозното однесување на високите политички кругови. Понекогаш ситниот партиски и полициски апарат е толку брутален што нема потреба од лаги. Само високите кругови создаваат систем на пропаганда за кој е карактеристичен екстремниот презир спрема фактите бидејќи, според нивното сфаќање, фактот комплетно зависи од моќта на човекот, кој може да го измисли. Најефикасната измислица на диктаторската власт во времето на Голиот Оток е дека обвинетите се предавници. Тој демагошки трик е проѕирен, затоа што никакви докази за тоа не постојат. Но тоа не е воопшто важно бидејќи тоталитарноста цвета кога постои бегство од реалноста во лагите на лидерите. Тоталитарните режими не можат да изградат комплетно доследен сфатлив и предвидлив свет, кој нема да биде во сериозен судир со здравиот разум. Сите сослушувања и исповеди на обвинетите затвореници од романите на Алексиев, Поповиќ, Лебл се исти, напишани со исти фрази, со употреба на сличен јазик, изрази и процедура на изведување на сослушувањата, кои масите гладни за доследност ќе ја прифатат како најверен доказ за нивната вистинитост, додека здравиот разум говори дека токму нивната доследност е надвор од овој свет и докажува дека целиот кафкијански процес е измислица. Тоа чувство на неверојатност на случувањата го имаат сите ликови од романите - антагонисти на процесите што се водат за нивна тотална деградација и уништување.

Судбините на илјадници обични луѓе принудени да бидат испраќани по затвори, зависат од решенијата и пресудите на хиерархиски поставеното малцинство на режимот. Уште потешко паѓа сознанието дека нивните животи и животите на нивните семејства не зависат само од каприците на владините структури, туку и од нивните сограѓани, кои лесно можат да се најдат во системот што од нив прави клеветници. Се поставува прашањето - колку тие се во можност рационално да расудуваат и да донесуваат правилни решенија. Арент прави анализа на околностите во кои се наоѓаат луѓето во изградениот тоталитарен систем и доаѓа до заклучок дека решенијата се изнудени.

Решението (не само во етимолошка смисла) е тоа што не повикува нешто да се сопре или спречи. Точката на тоа пресекување не е секогаш идеално одбрана и секогаш постои можност некое решение да биде погрешно. Но кога не би постоела опасноста од ризик решението да биде погрешно или да биде донесено во несоодветно време или простор , тогаш, едноставно, решението не би се нарекувало решение. Треба да се нагласи дека тие што ги донесуваат решенијата мора да бидат свесни за овој ризик. Тој е од суштинско значење за структурата на секое решение. Во таа смисла, сите екстремни решенија треба да се одбегнуваат или да се преиспитуваат. Тоа само по себе значи дека секое решение ризикува да стане превртливо или догматско. Во идеална смисла секако дека решенијата се донесуваат со надеж дека ќе постигнат апсолутна сигурност и точност. Носењето на решението е, всушност, актуелизација на еден идеал. Замката е во тоа што сите опишани иследници, удбаши, стражари, сите сограѓани, учесници во системот слепо веруваат во идеалот што им се сервира. Нивна главна карактеристика се изолацијата и недостигот од нормални социјални контакти. Оние што имале функција во системот најчесто, како што забележува Хајнрих Химлер[15] во својот говор посветен на организацијата и облигацијата на СС-луѓето, биле неприспособени, без своја индивидуалност, норми и принципи и затоа под никакви околности не би преземале „ништо на своја рака“, а останатите биле атомизирани кон масата со честите чистки, затворања и ликвидации. Сето тоа било изведувано на таков начин што им се заканувала истата судбина и на обвинетиот и на сите поврзани со него, од најобичните познаници до неговите најблиски пријатели и роднини. Сите пријатели на обвинетиот, веднаш по неговото обвинување, се претвораат во негови непријатели, затоа што целиот систем е осмислен да функционира врз последичното, просто гесло за вината според поврзаноста „со кого си – таков си“. За да си ги спасат сопствените „кожи“, сите доброволно доставуваат информации брзајќи да ги поткрепат непостојните докази против обвинетите. Кај доставувачите се јавува незапирлива потреба да придонесат кон уништувањето на обвинетиот единствено затоа што нивните животи се во опасност, апсолутно не водејќи сметка за последиците. Тоа се новите типови злосторници - сосема нормални и едноставни луѓе, кои прават злодела под такви услови што е речиси неможно да се спротивстават на злото. Анализирајќи ги нивните мотивации, Арент[16] ја изведува идејата за баналноста на злото и за неговите репрезентативни извршители, кои не се карактеризираат со идеолошко убедување, патологија или крајна злоба, а сепак, инволвирани во тоталитарниот систем, чинат бескрајно зло. Токму со развивањето на овој начин на дејствување, во неговите крајни и најфантастични екстреми, комунистичките системи, а исто и нацизмот, успеваат да владеат и да создадат атомизирано и индивидуализирано општество во кое единката е лишена од најелементарните права. Тие морбидни чувства на изневереност, осаменост и несигурност, изгубеност, мачнина ги исполнуваат најцрните страници во сите романи посветени на Голи Оток. Во нив се даваат исцрпни описи на човечката изопаченост, која здравиот разум тешко може да ја замисли.

Но, во ниеден од нив не се споменува ниту се анализира профилот на личноста што е главен виновник за илјадници несреќни судбини. Би била сериозна грешка тоталитарните лидери – диктаторите да се интерпретираат како харизматски личности. Повеќе би одговарало да се третираат како водачи на бирократска партија во која никој не смее да ја раскинува цврстата дисциплина на организацијата. Со нив никој не може да дискутира затоа што нивните зборови се контрадикторни, а акциите спротивни на она што го зборуваат. За нив работи тоталитарната пропаганда, која ги издигнува на ниво на харизматичност. „Но, во моментите на пораз, вродената слабост на тоталитарната пропаганда, како што забележува Арент, станува очигледна. Без теророт што ја претставува силата на движењето, нејзините членови веднаш престануваат да веруваат во догмата и во тие „харизматични личности“ за кои довчера беа готови да ги жртвуваат своите животи“.[17] Вината на лидерите се состои во тоа што тие со своите постапки и процеси што ги придвижуваат умеат да создадат кризни ситуации што го предизвикуваат тоталитаризмот. Тој не е несреќа што паѓа од небото, туку застрашувачка, чудна, бесмислена, деструктивна, опасна појава во која, како што предупредува Маргарет Канован[18], лесно може да се најде и современото општество.

Опасноста од запаѓањето во тоталитаризам е поврзана со кризата на политичкото владеење, а не со неговата сеприсутност како што погрешно се толкува во Марксовата теорија, која се залага за укинување на државата и политиката кои тој ги поврзува со насилството како единствен можен облик на владеење. Низ историјата се покажува дека тоталитаризмот е воведуван кога власта ја губи својата моќ, кога и се заканува опасност со која не може да се справи, тогаш таа го применува моделот на насилство. Оттука како што докажува Арент, наспроти убедувањата на Маркс, „власта и насилството се спротивност: каде што едното од нив апсолутно владее, другото не постои“[19]. Насилството е секогаш знак на немоќ на соочување со кризата или губење на власта. Она што во дваесеттиот век го овозможува продорот на насилството во власта не се само бројните кризни состојби во кои запаѓаат државите, туку кон ваков чекор доведува и погрешното изедначување на владеењето со насилството. Кризата претставува само погодна состојба за примената на насилството и за создавање тоталитарни општества. Она што не плаши е дека идејата на тоталитаризмот, на бесмисленото уништување е се уште жива. Таа има моќ да ги надживее сите системи и повторно да се јави кога ќе се почувствува политичка нестабилност, економска криза, пренаселеност, односно кога ќе се создаде атмосфера карактеристична за искуството на излишност на човечката единка.

Прашањето „Кој сум јас?“ секогаш се јавува со двојна упорност пред кризните времиња. Пред големите светски кризни случувања општеството секогаш инсистира на одговорот: „Ти си она што изгледа дека си“. Оттаму и убедувањата на водачите дека се такви за какви што се претставуваат имаат успех. Посткризниот активизам на тоа прашање одговара: „Ти си она што си го направил“. Тогаш се мерат и се пресметуваат сторените грешки со желба што поскоро да се пребродат. Изразениот активизам колку што е корисен за надминување на последиците од кризите, толку добива и сосема спротивна улога, доколку е во прекумерни количини. Тогаш тој станува средство на тоталитарните движења каде што теророт доминира над другите форми на политичка активност. Теророт и во денешни услови станува еден вид филозофија преку која се изразуваат фрустрацијата, немоќта и слепата омраза, еден вид политички експресионизам, кој користи бомби за да ги наметне своите желби. Тоа е истиот дух што го среќаваме во говорите на лидерите на „она што го нарекуваме полицаец на светот“, кои со очигледно задоволство ги „разрешуваат“ сите светски кризи.

 

 

Бележки


[1] Види во Filozofski rečnik, Matica Hrvatska, Zagreb, 1965, str. 166-167. Терминот идентитет (лат. identitas) доаѓа од глаголот idem што означува истоветност со помисленото, единственост на значењето. Реално идентитетот е истоветност на нештата или суштествата, и покрај менувањето на ситуациите во кои запаѓаат, во текот на нивниот развој.
[2] Arent, Hana: Lična odgovornost pod diktaturom, vo Zatočenici zla: Zaveštanje Hane Arent, Beobradski krug, Ženske studije, 2002, Beograd, str. 14.
[3] Lebl, Ženi: Ljubičica bela, Dečje novine, Gornji Milanovac, 1990, str. 7.
[4] Mihajlović, Dragoslav: Kad su cvetale tikve, BIGZ, SKZ, Beograd, 1983, стр. 119.č
[5] Selenić, Slobodan: Memoari Pere Bogalja, Prosveta, Beograd, 1983, стр. 268.
[6] За проблемот на радикалното зло види во статијата на Bernstin, Ričard: Refleksije o radikalnom zlu: Arent i Kant, vo Zatočenici zla: Zaveštanje Hane Arent, Beogradski krug, Ženske studije, Beograd, 2002, str. 76.
[7] Исаковић, Антоније: Трен 2, Просвета, Београд, 1983, стр. 350.
[8] Ристески Стојан: Една Голооточка голгота, Никола Костески, Охрид, 1991, стр. 91.
[9] Најчески, Димче: Голооточки сведоштва, Менора, Скопје, 1999, стр. 262.
[10] Арсовски, Томе, Куќа на четири ветра“, Македонска книга, Скопје, 1991.
[11] Кљусев, Никола, Камен остров, Матица македонска, Скопје, 1994, стр. 64.
[12] Алексиев, Александар: Деветте круга на пеколот, Сигмапрес, Скопје, 2000, стр.
[13] Гаго, Викторија: Сатурн се враќа, Рубљов, Струга, 2001, стр. 241.
[14] Алексиев, Александар, Чардак ни на небо ни на земја, Сигмапрес, Скопје, 2003, стр. 342.
[15] Податокот е преземен од книгата на Арент, Хана: Изворите на тоталитаризмот, Култура, Скопје, 1990, стр. 23.
[16] За идејата за баналноста на злото види во книгата на Хана Арент „Ајхман во Ерусалим“ и во статијата на Vila, Dejna: Savest, banalnost zla i ideja reprezentativnog počinioca, vo Zatočenici zla: Zaveštanje Hane Arent, Beobradski krug, Ženske studije, 2002, Beograd, str. 51.
[17] Логиката на однесувањето на масите во тоталитарните режими кои се можни само во заедници со голема популација, Хана Арен ја опишува на следниот начин: „Во моментот кога лажниот свет што ги засолнуваше е уништен, масите се свртуваат назад кон нивниот стар статус на изолирани индивидуи кои или среќно ја прифаќаат новата функција во изменетиот свет или потонуваат во нивната стара очајничка непотребност. Членовите на тоталитарните движења се крајно фанатични се додека движењето постои, но штом тоа ќе згасне, тие се одалечуваат од него, не следејќи го примерот на религиозните фанатици кои умираат со смрт на маченици. Попрво, тивко се откажуваат од движењето како од лош влог, барајќи накоја друга ветувана фикција или стрпливо чекајќи додека претходната фикција повторно не собере сили за да воспостави друго масовно движење.“ Арент, Хана: Изворите на тоталитаризмот, Култура, Скопје, 1990, стр. 102.
[18] Kanovan, Margaret: Teorija totalitarizma Hane Arent: preispitivanje, vo Zatočenici zla: Zaveštanje Hane Arent, Beobradski krug, Ženske studije, 2002, Beograd, str. 373.

[19] Jelušić, Vlasta: Zbrka u vezi sa pitanjem nasilja, vo Zatočenici zla: Zaveštanje Hane Arent, Beobradski krug, Ženske studije, 2002, Beograd, str. 131.